Наумоски: Да не се коцкаме со иднината на нашето Скопје !

Денес се распиша тендерот за БРТ, алтернативата за трамвајот за кој скопјани сонуваат повеќе од 40 години. Најблиску до негова реализација дошле во 1989 година кога на референдум за самопридонес го одбиле проектот што им го понудила тогашната градска администрација.

Минатата година имав прилика на долго да разговарам со најстариот жив градоначалник на Скопје Југослав Тодоровски кој што во тоа време го водел градот и кој што го предложил самопридонесот. Сите очекувале дека референдумот ќе помине без проблеми, затоа што во тогашното социјалистичко општество не било вообичаено да се гласа против предлозите на власта. Но, референдумот не бил ни блиску до успешен, на сечие изненадување.

Кога следниот ден отишол на работа, Тодоровски добил телефонски повик од непознат загрижен граѓанин:

– Претседателе! Како можеше ова да се случи, зошто не гласаа луѓето?

– Ќе ви кажам зошто. Зошто и вие не излеговте да гласате! (му одговорил Тодоровски блефирајќи небаре знаел кој излегол, а кој не)

Човекот се сепнал, се замислил и му вратил:

– не излегов, ама мислев дека другите ќе излезат!

Да си го имаме ова на ум кога во недела ќе гласаме за иднината на Скопје. Концепт за брз, издвоен, фреквентен, комотен јавен превоз не е исто што и бесплатен јавен превоз со електрични автобуси. Тие ќе бидат еднакво брзи, комотни и еднакво фреквентни како сегашните. Ќе чинат многу повеќе од предвидените 70 милиони за БРТ, а БРТ е проект за наредните 50 години во Скопје. Бесплатниот јавен превоз ќе ги изгори овие пари за две години и ќе не врати на истото дереџе на кое сме денес.

Да не се коцкаме со иднината на нашето Скопје! Да не дозволуваме трговци-поединци да ни дојдат со ветувања за брда и долини бидејќи не ни доаѓаат првпат во овој град! Да ги истераме нашите соништа за трамвај/БРТ до крај за конечно да влеземе во редот на европските метрополи со затворени прашања од јавниот превоз во наредните неколку декади!

 Фејсбук статус на Никола Наумоски

Треба да знаете
Последни објави