Во гостувањето во вестите на ТВ Сител, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов укажа дека и со купување на 250 нови автобуси нема да се реши клучниот проблем со автобускиот превоз во Скопје, и дека нема да стане ниту побрз ниту поефикасен. Најнапред, Шилегов укажа дека не е можно да се купат 250 автобуси веднаш: „Видете – „ќе купам 250 автобуси“ – да купите автобус, тоа е наменско возило, не е обично возило, не е да отидете да купите за 25 денара кило леб во продавница. Само за да ги произведете возилата ви е потребно околу три години.“ Притоа, градоначалникот на Скопје појасни дека за набавка на 33 автобуси МАН постапката траела повеќе од една година.
Потоа, Шилегов го постави прашањето што ќе се добие ако автобусите се пуштат во сообраќај: „Што ќе добиете? Како ќе се движат? Со која брзина ќе се движат? Како ќе го направат движењето на луѓето поедноставно – или ќе ги оставиме да се движат како сега со останатиот сообраќај? Тогаш вие не можете да зборувате за ефикасен јавен транспорт, за брз јавен транспорт, за еколошки јавен транспорт.“
За разлика од несериозните ветувања за купување на 250 нови автобуси веднаш, Шилегов укажа дека системот за Брз автобуски превоз (Бас рапид системот или БРТ) е сериозно решение, препорачано и од светски експерти: „Бас рапид транзит е сериозно организиран систем за транспорт на луѓе во урбана средина. Не го тврдам јас ова, го тврдат професори од факултетот во Битола, од Лондон, од Брисел, ЕБРД стручњаците за јавен транспорт кажаа „ова е решението за Скопје“.
Откако укажа дека ова е најеколошкиот начин на транспорт, Шилегов одговори на неоснованите напади кон „Бас рапид транзит“ системот: „Па, дури до таму се оди со нападите на системот што не ни знаат. Кога го објавивме тендерот, ја слушнав вчера госпоѓа Арсовска, што ќе било со мостот Обединети Нации – па, го пишува во тендерот – дел од првата постапка е и изградба на нов мост.“
Шилегов констатираше и дека клучните инфраструктурни зафати не се одвиваат брзо и лесно: „Се што треба е да не се мисли дека работите се одвиваат брзо и лесно. Мост не можете да изградите брзо и лесно. Тунел не можете да изградите брзо и лесно. Систем за превоз на јавен транспорт и луѓе не можете да изградите брзо и лесно.“
Според Шилегов, скопјани препознаваат дека ветувањата за брзо и лесно решавање на проблемите се лажни приказни: „Тоа се флоскули и желби. Меѓутоа, очигледно е дека таму имаме недостаток на разбирање на материјата на градот и сега на луѓето ќе им нудиме лажни приказни. Лажните приказни мислам дека ги имаме оставено зад себе и скопјани тоа го препознаваат.“ – поентираше градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов во гостувањето во вестите на ТВ Сител.