Гласањето на болните, немоќните, затворениците… помина без поголеми проблеми

Без поголеми проблеми и пропусти помина денешниот почетокот на гласањето од вториот изборен круг на локалните избори во Македонија, каде своето право на глас го користеа болните и немоќни лица, притворениците, затворениците, луѓето кои се во самоизолација и внатрешно раселените лица. Според податоците на Државната изборна комисија, денеска право на глас имале 7.645 луѓе.

Од нив 5.588 граѓани се болни, немоќни или во куќен притвор, 1.409 се затвореници од 14 казнено поправни установи низ државата и 376 луѓе кои се во домашна изолација поради коронавирусот, за кои процесот на гласање го спроведуваат посебни медицински тимови и лица номинирани од политичките партии.

Портпаролката на ДИК Љупка Гугуческа на прес конференцијата соопшти дека не се очекуваат потешкотии и во утрешното спорведување на вториот круг од гласањето за локалните избори во 44 општини.

Во тек на предизборниот молк полицијата и Јавното обвинителство известуваат за помали инциденти со изборен поткуп. Дел од медиумите објавија и видео снимки од, како што тврдат медиумите, изборниот поткуп на жители од скопската општина Даме Груев. На снимките се гледа како група на луѓе во приватен двор од куќа, носат лични карти од кои им прават копии.

Во општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа не се спроведува гласање, затоа што во првиот изборен круг не беше постигната минималната потребна излезност на гласачи, па за нив ќе се распишуваат повторно избори.

 

Треба да знаете
Последни објави