Рекорден број новозаразени лица од коронавирусот во Грција од почетокот на пандемијатa

Со 4.696 нови случаи на Ковид-19 регистрирани во изминатите 24 часа, во Грција е евидентиран нов негативен рекорд по бројот на новозаразени лица со коронавирусот на дневно ниво од почетокот на пандемијата. Од ден на ден се зголемува и притисокот врз здравствениот систем, јави дописничката на МИА од Атина. Од новите случаи, најголемиот број, 943 се во областа Атика, поширокиот дел на Атина, а втор е Солун со 872 случаи.

Со оглед на тоа дека тестовите се задолжителни за невакцинираните вработени, и овој пат, направен е и голем број тестови, вкупно 276.984, од кои 260.618 се рапид, а останатите ПЦР.

Во изминатото деноноќие починаа 38 лица, со што бројот на смртни случаи од Ковид-19 се зголеми на 15.894. Дополнително, зголемен е и бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во болниците, вкупно 404, 12 повеќе од вчера.

Од нив, 344 односно 85,15 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани, а останатите 60 (14,85 проценти) се целосно вакцинирани. Последен пат, речиси 4.700 нови случаи во Грција беа регистрирани пред два месеца, кон крајот на август годинава.

Треба да знаете
Последни објави