Земјите собрани на Самитот Г-20 кој денеска и утре се одржува во Рим, се заедно сочинуваат 60 отсто од светското население, 75 отсто од глобалната трговија, 80 отсто од бруто меѓународниот приход, но исто така се одговорни и за три четвртини од емисиите што предизвикуваат драматични климатски промени, кои особено негативно се одразуваат на најсиромашните земји.
Самитот се фокусира на три главни теми: „Човекот и ефектите од Ковид-19 врз економската рамнотежа и социјалниот статус во светот“, „Планетата“ која го вклучува прашањето за климатските промени и „Просперитетот“, иднината и економската криза предизвикана од пандемиски инвестиции. Кон нив е додадена и темата за Авганистан.
Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг ќе се приклучат на работата на Г-20 од далечина, а во Рим пристигнаа вкупно 39 делегации, претседатели или премиери на 20 земји, лидери на ЕУ и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Рим е буквално оклопен град, центарот на Самитот во радиус од 10 километри е обезбеден така што сè е како под стаклено ѕвоно. За безбедноста на Самитот и неговите лидери се грижат околу 10.000 припадници на силите за јавен ред, 500 војници, цивилен персонал, досега невидени уреди за технолошки надзор, активирани се и оние кои се подготвени да потиснат можен биолошки, хемиски или нуклеарен напад , има голем број снајперисти на покривите, пренесуваат медиумите во светот.
Посебен безбедносен предизвик се двајцата супер-надгледувани лидери, американскиот и турскиот претседател, бидејќи токму Џо Бајден и Реџеп Таип Ердоган се сметаат за можни терористички цели. Ги надгледуваат припадниците на специјалните италијански сили – Бајден во соработка со американските тајни служби, Ердоган во присуство на неговите лични телохранители. Само овие двајца лидери ги следат 40 возила.
Дополнително се контролирани сите улици каде се движат лидерите, хотелите и околината каде што се сместени, има 4.000 соби за делегации и членови на нивните семејства. Полициски единици со обучени кучиња и експерти за експлозиви ја проверуваа секоја од собите. Затворени се јавните институции, музеите, значајни споменици, археолошки локалитети, дипломатски претставништва, училишта. Приватниот воздушен сообраќај над Рим е забранет, а градот е преплавен со хеликоптери.
Со оглед на тоа што групи неофашисти и членови на движењето „Црн блок“ се откриени надвор од Италија, Министерството за внатрешни работи побара прекин на „Шенген“ од четврток навечер до понеделник во 13 часот. Денеска е најкритичниот ден за организаторите бидејќи на три локации се одржуваат три настани, пишуваат агенциите.
Но, светските лидери нема да живеат два дена само на релација Самит-хотел, бидејќи за нив се организирани посети на најважните културни споменици во Рим.