На вчерашниот ден, петок, 29 октомври 2021 година, нашиот павилјон на Дубаи ЕКСПО, на кој се претставени културните посебности, туристичките атракции, богатото историско наследство, како и етничката разновидност, забележа рекордна посетеност од безмалку 5000 посетители.
Северна Македонија учествува на најголемиот светски настан за оваа година – ДУБАИ ЕКСПО 2020 со слоганот “Дом на секој чекор”, а под мотото “Нови можности”.
Многубројните посетители од над 190 земји во светот имаат уникатна можност директно да се запознаат со културата и традицијата на нашата држава, како и со природните богатства и туристичкиот потенцијал. Изложени се теракоти, артефакти, традиционални носии, промотивни материјали и видео презентации на Северна Македонија.
Посебен фокус е ставен на можностите за економска и трговска соработка, како и инвестицискиот и бизнис потенцијал на земјава, поради што поставени се и дополнителни информативни панели за слободните економски зони, иновациите, земјоделството, енергетиката и туризмот.
Придобивките од учеството на Северна Македонија на ДУБАИ ЕКСПО 2020 се мултидимензионални. Тие овозможуваат пред се’ подигнување на видливоста на земјава во регионот на Блискиот Исток, но и во светски рамки, зголемување на бројот на странски туристи, креирање мрежа на бизнис контакти и можности за зголемување на економската соработка со голем број земји од различни региони во светот.