Министерството за образование и наука објави повик за доделување грантови за основните и јавните средни училишта кои ќе реализираат заеднички ученички активности што придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата.
Грантови во износ до 30.000 денари ќе бидат доделени на 95 училишта (70 основни и 25 средни) кои ќе бидат селектирани со рангирање од Комисија за вреднување на пристигнатите апликации согласно одредените критериуми.
Како што наведува МОН во Јавниот повик, ативностите може да се реализираат самостојно во училиште во кое наставата се реализира на повеќе наставни јазици или во партнерство со друго училиште.
Целта на повикот е промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи што се темелат на почитување на разликите.
-Притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент. Ги охрабруваме училиштата да аплицираат со проекти за заеднички активности меѓу учениците кои реализираат настава на различни наставни јазици, наведува МОН.
Повикот за грантови е достапен на Ms. Forms: https://forms.office.com/Pages/ResponsePage.aspx?id=QSfKBfwhf06hy-c2FzfhPOEWDx3AtGNGpDA4x4JCZS5UQkhLWFQ2MTFGNkExWTZHRDQyNVpWOVVGOC4u
За аплицирање на Јавниот повик училиштата треба да бидат најавени со официјалните кориснички сметки на @schools.mk . Аплицирањето трае до 3 декември 2021.