Морисон: Не го лажев Макрон за подморниците

Австралискиот премиер Скот Морисон негираше дека го лажел францускиот претседател Емануел Макрон додека тајно преговарал за договор за купување подморници со САД и Велика Британија.

Обвинението доведе до ескалација на спорот во односите меѓу двете земји поради ненадејното откажување на договорот со Франција.

Австралискиот вицепремиер Барнаби Џојс сугерираше дека Франција претерала. – Па, ние не украдовме остров, не ја уништивме Ајфеловата кула, тоа беше договор, изјави денеска Џојс. – Договорите имаат услови и еден од тие услови и предлози е да можете да го напуштите договорот. Го напуштивме тој договор, додаде Џојс.

Австралија го повлече петгодишниот договор со државна француска компанија Навал Груп во септември за производство на 12 конвенционални дизел-електрични подморници.

Макрон синоќа рече дека австралискиот премиер Скот Морисон го излажал.

„Дали мислите дека Скот Морисон ве излажал?”, праша австралиски новинар на маргините на самитот на Г-20 во Рим, мислејќи на тајните разговори меѓу САД, Велика Британија и Австралија за одбранбениот договор што доведе до распаѓање на договорот меѓу Париз и Канбера за купување 12 подморници во вредност од 55 милијарди евра.

„Не мислам туку – знам”, рече францускиот претседател, кој веќе изрази гнев поради пропаѓањето на договорот. „Ќе разговараме, ќе видиме што ќе направи”, додаде Макрон, мислејќи на можноста Морисон да си ја врати довербата.

„Имам голема почит за вашата земја и многу почит и пријателство за вашиот народ”, рече францускиот претседател, но истакна дека „кога има почит, тоа мора да биде обострано и да се однесуваме на начин што ги исполнува овие вредности”. Макрон го опиша самитот на Г-20 како успешен и плоден, „и покрај многуте поделби” меѓу земјите.

Треба да знаете
Последни објави