Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс и Бруклин остварија победи, а актуелниот шампион Милвоки беше поразен, во натпреварите од НБА лигата. Актуелниот НБА шампион, Милвоки го доживеа третиот пораз по ред, овој пат тимот на Јута џез како гостин славеше со 107:95. Серијата порази за Милвоки доаѓа откако екипата се соочува со проблеми на повредени кошаркари. На листата повредени се Џру Холидеј, Донте ДиВичецо, Брук Лопез и Худ, додека Крис Мидлтон го пропушти натпреварот поради болест.
Донован Мичел со 28 поени беше најпрецизен кај Јута која ја забележа петтата победа во шестиот меч, а Мајк Конли уфрли 20 поени. Кај Милвоки, вообичаено прво име беше Јанис Адетокумбо со 25 постигнати поени.
ЛА Лејкерс дојде до четвртата победа сезонава откако со 95:85 го совлада Хјустон рокетс иако во еден момент водеше со дури 28 поени разлика. Најдобар кај Лејкерс беше Кармело Ентони со 23 постигнати, Расел Вестбрук постигна 20 поени, а имаше и осум скокови и девет асистенции.
Победата на Бруклин (4:3) од 117:91 над Детроит пистонс помина во знакот на Џејмс Харден. Популарната брада дојде до 59. скор од трипл-дабл во кариерата со 18 поени, 10 скокови и 12 асистенции и се израмни со легендарниот Лери Бирд.
Резултати: Шарлот – Портланд 125:113, Милвоки – Јута 95:107, Бруклин – Детроит 117:91,
ЛА Лејкерс – Хјустон 95:85.