Македонската футсал репрезентација за играчи до 19 години попладнево од 17 часот против Црна Гора го отвора квалификацискиот турнир во Гибралтар за пласман на Европското првенство 2022.
Пред избраниците на селекторот Зоран Лекиќ е императивот да не загубат против Црна Гора, која вчера го совлада домаќинот Гибралтар со 6-3 и со евентуална втора победа ќе го завери првото место во групата Б од прелиминарната фаза.
Пласман во елитната рунда од евроквалификациите ќе обезбеди само првопласираната репрезентација, која квалификациите ќе ги продолжи во март идната година во група со Холандија, Италија и домаќинот Турција.
Европското првенство во футсал до 19 години, второ по ред, ќе се одржи во септември 2022 година во шпанскиот град Хаен.