Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, тимот на МЗТ Скопје Аеродром ќе треба да плати 300.000 денари, а неговиот извршен директор, Тони Грнчаров, две години нема да смее да врши никаква функција во мак-баскетот, вака одлучила Дисциплинската комисија (ДК) на КФСМ по пријавата од првиот човек на федерацијата Перо Антиќ, бидејќи се нашол навреден поради објави на социјалните мрежи.
Антиќ поднесе пријава поради објави илустрирани со фотографии на клупскиот инстаграм профил и фејсбук-профилот на Грнчаров по завршување на натпреварот од Суперкупот против Работнички одиграна на 27 септември.
Актуелниот шампион во својата реакција посочи дека „Антиќ, според членовите на ДК, бил навреден што неговиот лик бил заматен на фотографија објавена на социјалните мрежи на МЗТ Скопје Аеродром и што била објавена навредлива, најверојатно само според неговите сфаќања, објава – Добро утро освојувачи на Суперкупот и останати битни и – небитни”.
– Директорот Грнчаров, пак, е казнет во период од две години поради споделување на клупската објава, повторно преку социјалните мрежи, на која, според Антиќ, но и членовите на ДК кои ја прифатиле неговата поплака, напишал навредливи зборови: „Небитниот уште долго ќе гледа и пати како битните дигаат трофеи”, се наведува во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром.
Клубот од Аеродром прв ја објави одлуката, која била донесена уште на 8 октомври, а по скоро еден месец ја добил на своја адреса и тоа непосредно пред денешното големото дерби со градскиот ривал Работнички (18.30 часот).
МЗТ Скопје Аеродром е револтиран од ваквата одлука и смета дека ова е најдобар пример за поговорката „Кадија те тужи, кадија те суди“, со оглед што ДК е орган избран од УО на КФМ, на чие чело е Антиќ.
„Металците“ најавуваат истерување на правдата и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, сметајќи дека не само што не треба да се санкционираат објави на социјалните мрежи туку и дека во тоа што тие го напишале ниту бил спомнат Антиќ ниту, пак, постојат било какви елементи на навреда.



