Алек Болдвин сподели коментари од член на екипата на вестернот Rust, која всушност ги отфрла наводите дека условите за снимање се небезбедни.
Костимографката Терес Магпејл Дејвис напиша: „Приказната што се врти дека сме ‘преоптоварени и опкружени со небезбедни, хаотични услови’ е невистинита.“
Болдвин (63), кој е и продуцент на филмот, ги сподели нејзините коментари на својот Инстаграм-профил со наслов: „Прочитајте го ова“.
Минатиот месец, Болдвин случајно ја застрела снимателката Халина Хачинс на проба пред снимање нова клапа за вестернот. Таа почина, а режисерот на филмот, Џоел Соуза, беше ранет кога актерот пукал со пиштол за кој му било кажано дека не е наполнет.
Полициската истрага е во тек, при што шерифот на округот Санта Фе рече дека постоела одредена ароганција во начинот на ракување со оружјето, алудирајќи на лицата одговорни за безбедноста на оружјето.
Останатите членови на екипата ги критикуваа безбедносните мерки, а главниот електричар Серж Светној напиша на Фејсбук дека трагедијата се случила како резултат на небрежност и непрофесионалност.
Исто така, некои медиуми објавија дека членови на екипата дале отказ пред несреќата, жалејќи се на сместувањето и долгите работни часови.