Реал Мадрид не блескаше на „Сантијаго Бернабеу“ во натпреварот од 13. коло во шпанската фудбалска Ла Лига против Рајо Велјекано на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитривски, но сепак на крајот победи (2:1). Во малото градско дерби Рајо иако имаше негатива од 2:0, многу го измори фаворитот и го принуди на крајот да ги спасува планираните три бода во судиското продолжение.
И покрај негативата од првиот дел по головите на Крос и Бензема, Столе Димитриевски и соиграчите не се откажаа во ниту еден момент. Столе го остави Рајо во игра на стартот на второто полувреме кога одлично реагираше во дуелот со Асенсио, а за драма во завршницата се погрижи искусниот Радамел Фалкао.
Ветеранот погоди за 2:1 во 77-та минута, но набрзо после тоа беше изваден поради повредата на која се пожали. И без него на теренот, Рајо на секој начин се обиде да дојде до изнеандување на „Бернабеу“ , а најблиску до тоа беше во 91-та минута кога навистина нестварно и неверојатно е како играчите на Рајо не ја сместија топката во голот.
Крос интервенираше на гол линијата, а потоа одбрани и Тибо Куртоа во последниот обид на гостите да стигнат до израмнување во дуелот против фаворитот.



