Ливерпул го доживеа првиот пораз сезонава во англиската фудбалска премиерлигашка конкуренција откако во 11. коло загуби на гостување кај Вест Хем (3:2). Со ваквиот епилог не може да се помири тренерот на „црвените“, трофејниот германски стратег Јирген Клоп кој вината за ваквиот исход ја побара кај судиите предводени од главниот на теренот Крег Посон. Клоп смета дека водечкиот гол на Вест Хем во 4. минута е последица на прекршок над голманот Бекер Алисон кој си постигна автогол, како и поради недоделе црвен картон на домашниот играч Хам Кресвел по еден невнимателен старт над Хендерсон.
-Домаќинот поведе откако по изведениот корнер бранителот на Вест Хем, Огбона го фаулираше голманот Алисон, а овој ја смести топката во сопствената мрежа. За мене тоа беше чист прекршок. Но, судијата за да си ја олесни работата почека да види што ќе каже ВАР. А, според инструкциите од ВАР, Алисон не бил фаулиран и ете ти чудо, голот е регуларен !? Потоа следуваше невнимателен старт на Кресвел. Тој ја удри топката, но стартот беше толку невнимателен поради што не е важно дали тоа се случило, бидејќи ногата беше превисоко подигната. Премногу ситуации зависат од реакцијата на ВАР, а потоа се соочуваме со грешки. Кој и да ни е судија во ВАР, тој се крие зад судијата на теренот. Тоа беше голем проблем за нас на оваа средба, вели Германецот.



