Македонската фудбалска репрезентација попладнево ќе ги почне мини-подготовките за двата последни мундијалски квалификациски натпревари од групата во евро-зоната со Ерменија во Еревана на 11 ноември и три дена подоцна со исланд во Скопје. Репрезентативецот Стефан Ашковски од редовите на романски Сепси е оптимист и очекува со добра игра да се обезбедат две победи и на најдобар начин да се завршат овие квалификации за „црверно-жолтите“ со второ место во групата и настап во баражот за пласман на завршницата со СП-2022 во Катар.
Македонија е во игра за второто место кое води во баражот, но за такво нешто не зависи само од резултатите на „црвено-жолтите“ туку ќе треба и еден кикс на Романија која сега е второпласиран.
-Сигурно дека овие два меча ќе ни бидат многу значајни и се надевам дека со добра игра ќе имаме две победи. Секако дека не зависи сѐ од нас, но ќе дадеме сѐ од себе да победиме и да се претставиме во најдобро светло, вели Ашковски.
Ерменија е прв противник, селекција со која во Скопје ремизиравме без голови.
-На последните мечеви ни недостигаше и малку среќа, но се надевам дека сега ќе ни се врати за сѐ тоа што загубивме претходно. Најважно е да бидеме како едно, сплотени и да играме офанзивно. Мислам дека ќе биде добро. Хендикепирани сме со неиграње на неколку играчи, кои ќе ни фалат, но Македонија има достојни замени за нив и ќе повторам мислам дека ќе биде добро на крајот, додава Ашковски.



