Фудбалската репрезентација на Македонија со победа над Исланд 3:1 го оствари најдобриот пласман во едни квалификации за Светското првенство и за првпат ќе играат во бараж за пласман на големата светска фудбалска сцена.
На нашиот национален тим му беше потребна победа за да ја оствари целта и воден од публиката дојде до посакуваните три бода на Арената „Тодор Проески“. Преку 17.000 гледачи грмеа за Македонија, а тоа беше голем стимул за играчите на Благоја Милевски да го надмудрат ривалот и со погодоците на Езџан Алиоски и Ељиф Елмас да го чекираат посакуваното второ место, зад Германија, а пред Романија. Македонија ќе биде меѓу неносителите на баражот.
Трајковски уште во третата минута ја имаше првата шанса, но неговиот удар од левата страна заврши крај голот на Рафн Олафсон. Се играше четвртата минута кога гостинскиот голман првпат интервенираше по обидот по земја на Елмас, исфрлајќи ја топката во корнер. Во седмата минута исландскиот блок попушти, откако Алиоски од левата страна распали и со прецизна дијагонала го отвори резултатот (1-0).
Во 40. минута Чурлинов постигна гол за 2-0, по ударот на Алиоски и одбиената топка од Олафсон, но судиите и ВАР-технологијата потврдија дека фудбалерот на Шалке 04 бил во недозволена позиција.
И на стартот на вториот дел Македонија почна да притиска. Имаа обиди Милан Ристовски и Ељиф Елмас, но блокот на „рибарите“ функционираше според планот и не дозволи да се загрози голот. За тоа пристигна казната. Од првата сериозна шанса, Исланд дојде до изедначување. Во 54. минута по едно нафрлање капитенот Бјарнарсон спушти топка со глава до Торстеинсон, а тој го надмудри Димитриевски (1-1).
Судијата Маса го призна голот и покрај прегледувањето на ВАР. По примениот погодок, Дарко Чурлинов го повреди рамото и беше заменет, на негово место влезе Ашковски. Кратко траеше радоста на Исланѓаните, затоа што во 65. минута по една мешаница во казнениот простор Елмас се најде на вистинско место во вистински момент и ја врати предноста за Македонија (2-1).
По погодокот за враќање на предноста, Милевски го зацврсти средниот ред и во игра го внесе Стефан Спировски. Бонус беше и црвениот картон кој го доби Исланд, откако во 79. минута поради втор жолт картон исклучен беше Јоханесон. Во последните десет минути Македонија играше доста претпазливо, а победата ја потврди Ељиф Елмас со вториот гол во мрежата на гостинот, за конечни 3-1.
По овој триумф со освоените три бода Македонците го освоија второто место на табелата со вкупно 18 бодови. На другите две средби од последното, 10. коло во Ј-групата од квалификациите за СП 2022, победи забележаа гостинските репрезентации:
Лихтенштајн – Романија 0:2 и
Ерменија – Германија 1:4.
Директен пласман на Светското првенство во Катар од поодамна избори првопласираната Германија која на крајот освои 27 бода. Од 3-6.место се пласираа: Романија 17 бода, Ерменија 12, Исланд 9 и Лихтенштајн 1.
Извлекувањето на групите за баражот е закажано за 26 ноември.