Мугуруза победи на завршниот ВТА мастерс

Шпанската тенисерка Гарбине Мугуруза ја освои титулата на завршниот ВТА мастерс кој се играше во Гвадалахара, Мексико. Таа во финалето по 99 минути игра ја совлада Естонката Анет Контавеит во два сета 6:3, 7:5 и стана првата шпанска тенисерка која е победничка на завршниот мастерс.

Мугуруза која е петта на ВТА ранг-листата, од понеделник ќе напредува и годината ќе ја заврши како трет светски рекет, додека Контавеит со пласманот во финалето го обезбеди седмото место.

– Мислам дека ова е најдобрата година за мене. Можеби не освоив гренд слем турнир, но длабоко верувам дека бев многу среќна и смирена, а помалку драматична. Многу сум среќна поради тоа – изјави Мугуруза по победата.

Во игра на двојки, титулата ја освоија чешките тенисерки Барбора Крејчикова и Катерина Синиакова кои во финалето со 6:3,6;4 ја совладаа тајванско-белгиската двојка, Су-Веј Сје – Елиз Мертенс.

Треба да знаете
Последни објави