Тенисерката Шуаи Пенг исчезна откако објави дека била присилена на сексуален однос од вицепремиер на Кина

Кинеската тенисерка Шуаи Пенг исчезна откако претходно месецов објави дека била присилена на сексуален однос од вицепремиерот на Кина, Џанг Гаоли, кој ја извршуваше оваа функција од 2013 до 2018 година.

Четирикратната гренд-слем шампионка Наоми Осака истакна дека е многу загрижена за Шуаи Пенг, со која никој не може да стапи во контакт од денот кога објави дека била сексуално злоупотребувана. ВТА не е убедена во веродостојноста на писмото во кое Пенг се огласи, а Новак Ѓоковиќ е шокиран од нејзиното исчезнување.

Шуаи Пенг овој месец објави на кинеската социјална мрежа Веибо дека била сексуално злоупотребувана од поранешниот кинески вицепремиер Џанг Гаоли. Оттогаш, многубројни тенисери и теисерки ѝ дадоа поддршка на Пенг, но никој не можеше да стапи во контакт со неа.

-Не дадов согласност тоа попладне и не можев да престанам да плачам. Ме однесе кај него дома и ме натера да имаме односи. Немам докази и беше невозможно да ги направам. Секогаш се плашев да земам со мене нешто како магнетофон или да снимам. Немам аудиоснимки, немам видеоснимки, само мое искривено, но многу реално искуство, напиша тенисерката во својата порака на Веибо.

Откако на 2 ноември објави порака со обвинувања против Гаоли, профилот на тенисерката Пенг на Веибу е укинат, а ѝ се губи и секаква трага. Загриженост за наводното исчезнување на Пенг изрази јапонската тенисерка Наоми Осака, која вели дека се надева оти тенисерката е безбедна.

-Неодамна ме информираа дека тенисерката исчезнала набргу откако објавила дека доживеала сексуално насилство. Цензурата никогаш не е добра, се надевам дека Шуаи Пенг и нејзиното семејство се безбедни. Навистина сум шокирана од оваа ситуација и ѝ ја испраќам сета моја љубов, напиша Осака.

Првиот човек на ВТА, Стив Симон, изјави дека не бил во контакт со Пенг, но дека Тениската федерација на Кина го уверила дека таа е безбедна и дека не е физички загрозена. ВТА доби писмо, наводно, напишано од самата тенисерка во кое меѓу другото се вели:

-Здраво на сите, овде е Шуаи Пенг. Во врска со неодамна објавената вест на веб-страницата на ВТА, таа содржина не е потврдена од мене и е објавена без моја согласност. Тоа се лажни вести, вклучително и приказната за наводната сексуална злоупотреба. Ова не е вистина. Не сум исчезната. Не сум загрозен, одморам дома и сѐ е во ред. Фала што се грижите за мене. Ако објавувате други вести за мене, ве молиме прво проверете ги и објавете ги со моја согласност. Како професионален тенисер, ви благодарам за грижата. Се надевам дека со ваша помош, доколку се укаже можност, ќе продолжам да го промовирам кинескиот тенис, кој се надевам дека ќе биде сѐ подобар и подобар. Уште еднаш, ви благодарам за грижата.

За оваа ситуација проговори и најдобриот тенисер во светот, Србионот Новак Ѓоковиќ.

-Немам многу информации, дознав за тоа пред една недела и навистина сум шокиран од веста дека исчезна, уште повеќе затоа што тоа е некој што го имам видено неколкупати во претходните години. Немам што многу да кажам освен дека се надевам дека ќе ја биде пронајдена, дека е добро. Ова е многу страшно, можам само да замислам како се чувствува нејзиното семејство.

Треба да знаете
Последни објави