Во пресрет на ждрепката од разигрувањето за да се добијат последните три патници од евро-зоната на завршницата од СП-2022 во Катар, која ќе се одржи на 26 ноември во 17 часот во Цирих, познати се евентуалните ривали кои ќе бидат поделени во три групи од по четири селекции и ќе играат по еден нокаут-меч. Трите победници ќе се пласираат на завршниот турнир со 32 селекции. Меѓу селекцитие кои ќе разигруваат за првпат е и Македонија. Ќе биде во групата од шест селекции неносители, кои првите полуфинални дули ќе ги играат на гости.
Фаворитите кои се и можни противници на „црвено-жолтите“: Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс веќе анализираат која селекција од втората група ќе им биде по мерка.Покрај Македонија во групата неносители се најдоа и Турција, Полска, Украина, Австрија и Чешка.
За руските медиуми Македонија е прва желба, додека бивши фудбалери и аналитичари тврдат дека и „црвено-жолтите“ не се наивен противник. Во Шкотска се умерени со желбите, па Македонија воопшто не ја потценуваат. Велат дека е тим што лесно не се поминува.
Шкотка е една од двете селекции (втората е Велс) против кои Македонија има победа во 17 пресметки со шесте потенцијални ривали за баражот. На последното гостување во Глазгов пресметката со Македонија заврши без победник 1-1.
-Аутсајдерот од Еуро 2020 повторно е тука. Можеби Горан Пандев ја заврши својата репрезентативна кариера, ама на неговите доскорешни соиграчи добро им оди и без него. Завршија втори во групата зад Германија, а успеаа да направат шок со триумфот со 2-1 против великанот во март. И сега сето тоа го потврдија завршувајќи како втори со бод пред Романија.
Овој резултат и многу респектабилните 23 дадени гола во овие квалификации покажуваат дека Македонија не е тим кој треба да се земе лесно и здраво за готово“, пишува „Дејли Рекорд“.