Ситуацијата околу кинеската тенисерка Шуаи Пенг се искомплицира дополнително, а тоа предизвика и сомнеж во светската јавност за безбедноста на спортистката, која на почетокот на месецов обвини поранешен политичар на Кина за силување. Пенг пред два дена, наводно, испратила мејл во кој опишува дека се наоѓа во својот дом и се одмара, односно не е во опасност, но многумина се посомневаа во тоа.
Тенисерката која го обвини членот на кинеската комунистичка партија, Гаоли Жанг, ја натера ВТА да побара истрага, а ако наскоро не се откри што се случува со спортистката, тогаш Кина ќе остане без турнири и милиони евра.
-Подготвени сме да ја прекинеме соработката со Кина, иако тоа ќе ни донесе многу компликации. Но, ова што се случува е поголемо од бизнис, порача Стив Сајмон, првиот човек на ВТА.



