Составот од „Автокоманда“ сезонава е далеку од борбата за висок пласман, со оглед што во моментов е на дури осмата позиција на табелата со четири победи и седум порази, а претходно, поради финансиски проблеми, се откажа од настап во Лига Европа. Управата има разбирање за ракометарите, иако не ги поддржува, поради што нема да ги казнува според Дисциплинскиот правилник, а во меѓувреме ќе бара реакција и помош од РФМ за излез од кризата.
„Како управа не ги поддржуваме овие мерки, сметаме дека ваквиот начин нема да смени ништо. Напротив, ќе донесе нови проблеми и уназадување на работата на индивидуален план кај играчите, кај клубот како тим и колектив, а и на поширок план во Суперлигата. Како управа апсолутно ќе ги почитуваме нивните одлуки и ќе ставиме мораториум на сите дисциплински мерки, додека не се реализираат договорите за исплата на средствата кои ги очекува клубот. Воедно ќе ја известиме РФМ и останатите засегнати страни (комисии) за новонастанатата состојба и ќе побараме мислење и реакција. Ќе продолжиме да се бориме во овие тешки услови и ќе ги издржиме проблемите, но и казните што произлегуваат од оваа ситуација“, вели Зорица Блажевска, првиот човек на Металург.
Ваквата ситуација е речиси реприза на слична криза во која се најде Металург во 2014 година, кога во него играа најголемиот дел од македонските репрезентативци, кои поради неисплатените плати решија да штрајкуваат и самостојно да тренираат на кејот на реката Вардар.