„Би-би-си“ застана во одбрана на својот документарен филм за односот меѓу принцовите Хари и Вилијам и новинарите од печатените медиуми.
Бакингемската палата, Кенсингтонската палата и Кларенс Хаус соопштија дека програмата The Princes and the Press („Принцовите и печатот“) изнела „пренадуени и неосновани тврдења“.
Во нивната реакција се наведува дека е „разочарувачки“ да се даде кредибилитет на таквите тврдења.
Но, „Би-би-си“ тврди дека програмата е „за тоа како се прави кралско новинарство и вклучува низа новинари од телевизиската и новинската индустрија“.
Првата епизода од документарниот филм во два дела ја испитува врската помеѓу медиумите и војводата од Кембриџ и војводата од Сасекс.
Првиот дел од документарецот ја анализира тензијата со која се соочуваа двајцата членови на кралското семејство помеѓу придобивките од публицитетот и лошите страни на упадот во приватноста – и како тие се обидуваа да се справат со печатот.