Најтрофејниот италијански тим се соочи со неколку повреди кај првотимците пред средбата, а истовремено тимот го стресоа и вестите дека против Јувентус се води истрага за финансиска злоупотреба и дека може да биде исфрлен во Серија Б. Меѓутоа, играчите останаа мирни, дојдоа до важни три бода и се приближија до местата кои водат во ЛШ.
Пауло Дибала и Алваро Мората се разбудија и со по еден погодок му донесоа победа на Јувентус против Салернитана со 2:0.
Двајцата најоспорувани играчи на Старата дама сезонава конечно покажаа дел од својот репертоар, а најтрофејната екипа во Италија лесно ги освои бодовите.
Дибала погоди во 21. минута по асистенцијата на Дејан Кулушевски, а Мората ја потврди победата со голче како на мал фудбал во 70. минута.
Победата можеше да биде и поубедлива, ако Дибала го реализираше пеналот во последните моменти од мечот.
Верона и Калјари одиграа без голови, а претходно денеска Аталанта ја победи Венеција со 4:0 и Фиорентина славеше со 3:1 против Сампдорија.