Започнаа Деновите на финансиската писменост: Народната банка со презентации за сите заинтересирани граѓани

Денес започна петтото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании. Како еден од организаторите и учесник на Деновите на финансиската писменост, Народната банка упати јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации преку видеоконференциска врска. 

Денес, со почеток во 14 часот ќе се одржи презентација на тема Монетарната политика на Народната банка. 

За следните денови се закажани презентации на следниве теми:

–       Информации потребни при избор на кредит – 2 декември, во 10 часот;

–       Платниот систем и платежните услуги – 2 декември, во 14 часот и

–       Банкарската супервизија – 3 декември, во 14 часот.

Презентациите ќе се одржуваат преку интернет, на платформата „Вебекс”. Ќе бидат наменети за заинтересирани граѓани со основно и со понапредно ниво на знаења, односно ќе ги опфатат како основните, така и подеталните аспекти од наведените области. По секоја презентација е предвидена можност за прашања од граѓаните и дискусија со стручните лица од Народната банка.

Пријавувањето за учество на презентациите е во тек. Заради организирање на презентациите во зависност од искажаниот интерес, сите заинтересирани граѓани треба да го најават своето присуство преку порака:

– на е-адресата: edukacija@nbrm.mk или

– на официјалните страници на Народната банка на социјалните мрежи „Фејсбук”, „Твитер” и „Инстаграм”.

Притоа, секој заинтересиран граѓанин треба да наведе за која презентација/тема најавува присуство.

Рокот за пријавување е најдоцна еден ден пред одржувањето на предавањето.

 

Годинешното издание на Деновите на финансиската писменост ќе трае до петок – 3 декември.

Треба да знаете
Последни објави