Завршен е инспекцискиот надзор во Центарот за култура во Штип. Извештајот е во подготовка, а веќе следната недела ќе одам таму и ќе разговарам со вработените и со директорот, рече министерката за култура Ирена Стефоска во одговор на новинарско прашање за рекациите за мобинг на вработените во штипскиот Центар за култура.
– Веднаш по реакциите од страна на вработените во Центарот за култура во Штип, упативме вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за култура. Надзорот е завршен и извештајот се подготвува. Ќе видиме што ќе каже Извештајот, рече Стефооска.
Таа напомена дека најдоцна следна недела ќе оди во Центарот за култура во Штип и ќе оствари средба со вработените и со директорот.
– Исто како што имам намера да одам во Охрид да се видам со градоначалникот, и исто како што појдов во Тетатар Комедија, најдоцна следната недела одам и во Штип, за на лице место во Центарот за култура да се сретнеме и со вработените и со директорот, истакна министерката.
Таа додаде дека е добро информирана и смета оти е важно лично да се појави и да разговараат.
– Уверена сум дека со искрен и сериозен разговор секој проблем може да биде надминат, а сите заедно да работиме во интерес на културата. Ние сме платени и наша обврска е да работиме за доброто на културата, рече Стефоска.