Фросина Ременски денеска поднесе кандидатура за претседател на СДСМ.
„На оваа одлука се одлучив имајќи го во предвид целокупниот мој општествено политички и партиски активизам во денови и време кога СДСМ беше соочен со тешка опозициска состојба, кога носеше сериозни државотворни одлуки и кога се боревме да го задржиме единството во партијата. Денеска предавањето на мојата кандидатура има и еден друг симболизам. Кандидатурата ја предавам во 16-те дена женски активизам за борба против насилството врз жените во политиката и генерално родово базираното насилство, дискриминацијата, говорот на омраза и нетолеранцијата“, истакна Ременски.
Таа вели дека ја очекува поддршката од своите колешки во партијата.
Партијата на 12-ти декември ќе го избира новиот претседател, откако лидерот Зоран Заев поднесе оставка од функцијата по поразот на локалните избори.