– Во третиот квартал од 2021 година, во тековните трансакции со нерезидентите е остварен суфицит од 98 милиони евра, главно како резултат на солидните остварувања кај секундарниот доход, како и кај размената на услуги. Кај финансиските трансакции со нерезиденти се остварени нето-приливи од специјални права на влечење (СПВ), износ доделен во рамките на новата општа распределба на СПВ на ММФ и приливи врз основа на директни инвестиции, а нето-одливи врз основа портфолио-инвестиции, валути и депозити, заеми и трговски кредити.
Поволните остварувања во тековните трансакции со нерезидентите, во третиот квартал од 2021 година, се резултат на нето-приливите остварени кај секундарниот доход и размената на услуги (584,7 и 141,9 милиони евра, соодветно), коишто ги надминаа дефицитите остварени кај стоковната размена (499,7 милиони евра) и кај примарниот доход (128,9 милиони евра).
Во споредба со вториот квартал од годината, кога тековната сметка забележа дефицит од 123,3 милиони евра, во третиот квартал, тековната сметка бележи позитивна промена од 221,3 милиони евра. Најзначајни квартални подобрувања се остварени кај секундарниот доход и размената на стоки (138,1 и 65,3 милиона евра, соодветно), а во помал обем има подобрување и кај размената на услуги и примарниот доход (12,2 и 5,7 милиони евра, соодветно).
Во споредба со третиот квартал од минатата година, кога тековната сметка забележа дефицит од 50,6 милиони евра, во третиот квартал од годинава, тековната сметка бележи подобри остварувања за 148,7 милиони евра, што во најголем дел се објаснува со зголемените нето-приливи кај секундарниот доход (за 209,5 милиони евра), а во помал дел и кај размената на услуги (за 61 милион евра), во услови на зголемен дефицит кај стоковната размена и примарниот доход (за 97,6 и 24,2 милиона евра, соодветно).
Кај финансиските трансакции со нерезидентите, во третиот квартал од 2021 година, се остварени нето-одливи од 146,3 милиони евра. Анализирано по категории, нето-одливи бележат портфолио-инвестициите (477,4 милиони евра), валутите и депозитите (147,1 милион евра), заемите (17,8 милиони евра) и трговските кредити (16 милиони евра), додека нето-приливи се забележани кај специјалните права на влечење (163,4 милиони евра) и директните инвестиции (15,5 милиони евра).
Во третиот квартал, кај директните инвестиции се остварени нето-приливи од 15,5 милиони евра. Анализирано по компоненти, ваквите остварувања се резултат на нето-приливите кај сопственичкиот капитал (36,3 милиони евра) и кај реинвестирањето на добивката (22,9 милиони евра), при нето-одливи кај меѓукомпанискиот долг (43,7 милиони евра). Од почетокот на годината заклучно со септември, се остварени нето-приливи врз основа на директни инвестиции во износ од 208,5 милиони евра, што во споредба со истиот период од минатата година претставува зголемување за 102,1 милион евра.
Во третиот квартал од 2021 година, обврските врз основа на директни инвестиции2 бележат зголемување од 128,4 милиони евра, како резултат на нето-растот на обврските врз основа на меѓукомпанискиот долг (53,8 милиони евра), сопственичкиот капитал (48,4 милиони евра) и реинвестираната добивка (26,2 милиона евра).
Средствата врз основа на директни инвестиции се зголемени за 112,9 милиони евра, како резултат на зголемените побарувања врз основа на: меѓукомпаниски долг (за 97,5 милиони евра), сопственички капитал (за 12,1 милион евра) и реинвестирана добивка (за 3,3 милиони евра).
Во третиот квартал од годината, нето-обврските врз основа на портфолио-инвестиции се намалени за 477,4 милиони евра, во најголем дел како резултат на достасувањето на обврските врз основа на третата еврообврзница во јули и отплата на камата врз основа на издадени еврообврзници, а во помал дел и од реоткупот на домашните еврообврзници од страна на резиденти. Истовремено, се остварени зголемени побарувања од вложувањата на резидентите во странски сопственички хартии од вредност.
Во разгледуваниот квартал, нето-одливите врз основа на заеми од 17,8 милиони евра главно произлегуваат од нето-одливите кај останатите сектори (39,8 милиони евра), наспроти нето-приливите од 12 милиона евра кај секторот „останати депозитни институции” и 10,7 милиони евра кај секторот „држава”.
Нето-приливите од директните инвестиции (208,5 милион евра), специјалните права на влечење (163,4 милиони евра), портфолио-инвестициите (150,9 милиони евра) и заемите (148,3 милиони евра) ги надминаа нето-одливите врз основа на валути и депозити (294,6 милиони евра) и трговски кредити (29,4 милиони евра), што овозможи целосно финансирање на дефицитот на тековната сметка и зголемување на девизните резерви за 372,6 милиони евра.