Македонскиот кошаркарски прволигаш Куманово соопшти дека причината за напуштање на регионалната БИБЛ лига е „тенденциозно судење”, а не наводно неподмирени финансиски обврски кон натпреварувањето.
– Демантираме дека КК Куманово во изминатиот период откако настапува во БИБЛ лигата има каква било обврска по основ на неизмирени долгови спрема оваа натпреварување, неисплатени обврски по основ на хотелско сместување или транспорт или пак неизмирени долгови по основ на судиска или делегатска такса. Лигата ја напуштивме пред сè поради тенденциозното судење и некоректно однесување на одредени поединци, соопшти управата на Куманово.
Во соопштението се нагласува дека клупското раководство работи на изготвување четиригодишен план за спортски и финансиски развој на клубот.
– Со оваа одлука да не бидеме веќе дел од БИБЛ лигата создаваме услови за целосно посветување на натпреварувањето во Првата македонска кошаркарска лига, во која амбициите ни остануваат исти, а тоа е пласман во Супер лигата, но со напомена дека ќе се даде акцент на млади домашни играчи кои се веќе дел од нашиот тим во оваа сезона и засилување со кошаркари кои ќе се надополнат постоечкиот играчки кадар, соопшти Куманово, апелирајќи до навивачите за „разбирање и поддршка во наредниот период”.