Екс-директорката на театар Комедија, Нора Шаќири-Марковиќ во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 рече дека смета оти е разрешена од директорката функција поради кандидатурата на нејзиниот брат Бени Шаќири на локалните избори за градоначалник на Скопје, како кандидат на ЛДП.
-Бени не го сврти грбот на СДСМ. Ниту јас, ниту тој не сме членови на пртијата. Ова е реваншизам. По моја слободна проценка и тоа што кружи во јавноста, доставена ми е „фактурата поради кандидатурата на брат ми и јас со задоволство го прифатив тоа, вели Шаќири .
Таа информира дека била разрешена од Министерството за култура по анонимна пријава за мобинг.
-Уредно инспекторите од Трудовиот инспекторат се најавија и побараа документација. Не можеа да констатираат инспекторска мерка. Не знам кој е анонимниот што ме пријавил, но тој точно ја знаел ситуацијата и ја раскажал целата приказна. Точно е дека водев три дисциплински постапки согласно законот. Спорната постапка е дека човекот кој беше казнет беше три дена отсутен од работа, немаше денови за користење и беше на одмор. Требаше да му дадам отказ, но комисијата реши да биде казнет со 30% од платата на шест месеци. Едната постапка е се уште во тек зошто човекот се жалеше и управниот одбор ќе донесе некаква одлука, потенцира Шаќири-Марковиќ.