Дел од компаниите од автомобилската индустрија во зоните во државава почувствуваа последици од намалувањето на продажбата на автомобили во октомври годинава и затворањето на производствените капацитети на големите производители, а дел не, потврди директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски.
-Различни се искуствата. Комуницираме редовно со компаниите од автомобилската индустрија, бидејќи претставуваат значаен дел од економијата во зоните. Кај дел од нив постојат последици од затворањето на производствените погони на големите производители, но кај дел од нив не. Во периодот јануари-октомври 2021 година извозот е за 8,5 проценти повисок во однос на истиот период од 2019 година што беше највисок досега, рече Деспотовски во одговор на прашање при денешната средба со новинарите во Дирекцијата на ТИРЗ.
Нагласи дека работите се движат во позитивна насока, но, како што кажа, сакаме да им помогнеме и на оние кои се во потешкотии.
-Досега презедовме два чекори, односно две мерки. Владата пред два дена усвои измени во Царинскиот тарифник со што овозможи преференцијални царини за увоз на одредени репроматеријали за компаниите во зоните со што фактички ги изедначи царинските стапки со оние кои се применливи на ниво на Европската Унија. Второ, по задолжение од Владата со неколку од компаниите разговаравме и им овозможивме дополнителен период од 12 месеци за постигнување на одредени договорени таргети, посебно во делот на работните места. Тие компании не користеле државна помош за тоа што треба да го исполнат и само им е пролонгиран рокот за исполнување на одредени договорни обврски, прецизира Деспотовски.
Посочи дека бројот на вработени во зоните е доста стабилен и во 2021 година и додаде дека очекува минимално зголемување на крајот на годината во однос на 2020 година и да се движи на ниво од околу 14.000.