Фудбалерите на Манчестер јунајтед во дербито на 14 коло од Премиер лигата, во неверојатно возбудлив натпревар славеа со 3:2 над Арсенал. Човек на одлука беше Кристијано Роналдо кој постигна два гола и дојде до бројката од 800 голови во кариерата.
Спектаклот на „Олд трафорд“ започна со контроверзен гол на Арсенал во 13 минута. По корнерот на Арсенал, играчот на Јунајтед, Фред несакајќи го нагази својот голман Давид де Хеа кој остана да лежи на гол линијата. Топката во продолжение од акцијата се одби до Емис Смит Роу кој без проблем ја смести топката во мрежата.
По голот, натпреварот беше прекинат и се чекаше прекршок за Де Хеа, но ВАР снимката покажа дека тој беше повреден од свој соиграч и судијата го призна голот. Во финишот од првиот дел,Јунајтед успеа да дојде до израмнување, Фред му асистираше на Бруно Фернандеш кој рутински ја затресе мрежата на „топчиите“.
Второто полувреме го реши Кристијано Роналдо. Прво во 52 минута го постигна 800 гол во кариерата и му донесе водство на својот тим од 2:1. Радоста на „црвените ѓаволи“ траеше само две минути бидејќи Мартин Едегор успеа да го совлада Де Хеа. Конечниот резултат го постави Роналдо во 70 минута од пенал. По победата, Манчестер јунајтед е седми на табелата со 21 бод, додека Арсенал е петти со два бода повеќе.
Натпреварот на „Олд Трафорд“ беше последен за Мајкл Керик како привремен тренер на „ѓаволите“ по отказот на Оле Гунар Солскјер. Керик добро се снајде како предводник на Јунајтед затоа што на три тешки натпревари успеа да добие два против Вилјареал и овој против Арсенал, а да ремизира на еден против Челси.
Ова воедно беше прва победа за Манчестер јунајтед на домашен терен по речиси два месеци и претставува увертира за новиот менаџер, Ралф Рангник.
Фудбалерите на Тотенхем вечерва го совладаа Брентфорд со 2:0 во рамки на 14 коло од Премиер лигата и ја запишаа втората победа по ред.
Од доаѓањето на Антонио Конте за менаџер, екипата игра подобро и на три натпревари освоија седум бода, и сега имаат 22 за шесто место на табелата. Дури ни пласманот во топ 4 не е далеку, четвртопласираниот Вест Хем има само два бода повеќе.
Тотенхем поведе во 12 минута со автоголот на Серхи Канос по центаршутот на Сон. Дилемите околу победникот беа решени во второто полувреме, поточно во 65 минута кога Сон постигна гол за конечни 2:0.