Истражители без најава ги посетија просториите на повеќекратниот италијански фудбалски првак Јувентус, по што шест лица од клубот се осомничени за фалсификување податоци во финансиските извештаи. На списокот осомничени се најдоа претседателот Андреа Ањели, потпретседателот Павел Недвед, поранешниот спортски менаџер Фабио Паратичи (сега Тотенхем) и уште тројца други вработени во комерцијалниот сектор: актуелниот главен корпоративен и финансиски директор Стефано Серато, поранешен главен корпоративен и финансиски директор Стефано Бертола и поранешен менаџер за финансии Марко Ре.
Сите се осомничени дека фалсификувале документи за капиталните добивки прикажани во претходните три сезони, а со тоа се обиделе да исперат пари во износ од 50 милиони евра.
Италијанскиот весник La Gazzetta dello Sport денеска објави дека ова не е единствениот случај за кој Јувентус е во центарот на вниманието. Имено, истражителите ги разгледуваат документите поврзани со еден од најдобрите фудбалери на денешницата Кристијано Роналдо, и бараат таен документ кој наводно клубот го има со Португалецот.
Објавено е дека постои таен документ помеѓу Јувентус и Роналдо, но тоа се уште никој не го потврди. Според него Роналдо имал договор со челниците на Јувентус за парите што треба да му бидат исплатени, а од кои наводно се откажал за време на кризата предизвикана од пандемијата.
Минатата година беше објавено дека многу играчи на Јувентус решиле да се откажат од платите за март, април, мај и јуни 2020 година за да му помогнат на клубот за време на пандемијата на коронавирусот, но се чини дека тоа не е баш така. Истражителите открија дека Јувентус уплатил одредени суми на сметката на Роналдо по неговото заминување во Манчестер јунајтед, а потоа се шпекулираше за таен документ. Наводно, во тој документ Роналдо и Јувентус се договориле да му ги исплатат тие плати, од кои очигледно не се откажал како што покажал клубот.
Според весникот истражителите го повикале Роналдо на сослушување во Торино за да се обидат да ја дознаат вистината, а се очекува Португалецот да дојде во Италија во наредните недели.