Лицата кои прележале Ковид не се заштитени од инфицирање со новиот корона-сој, Омикрон, се вели од Светската здравствена организација.
„Сметаме дека претходна инфекција не штити од Омикрон“, изјави денеска инфектологот Ане фон Готберг од јужноафриканскиот Национален институт за преносливи болести (НИЦД). Овој проблем и натаму се истражува, рече Фон Готберг на прес-конференција, но додаде и дека првичните набљудувања говорат дека со Омикрон може да се заразат и да заболат и лица кои веќе прележале Ковид. Нивните симптоми, меѓутоа, се помалку тешки.
Во меѓувреме присуството на Омикрон е докажано во повеќе од 20 земји, меѓу кои и Германија. Првите Омикрон-случаи денеска ги пријави Индија.
Центарот за контрола и превенција на болести на Африканската унија предупреди дека не треба да се крева паника поради новата варијанта на коронавирусот. „Нема основа за паника“, рече шефот на овој центар, Џон Нкенгасонг, додавајќи: „Не сме без заштита.“
Африканската унија е вознемирена, но „не смета дека состојбата не може да се контролира“. Центарот за контрола и превенција на болести на Африканската унија веќе „одамна“ се подготвува за појава на нова корона-варијанта, рече Нкенгасонг.
Стапката на вакцинација во Африка е многу ниска. Само 7% од 1,2 милијарди жители се целосно вакцинирини против коронавирус. Тоа се должи особено на недоволната снабденост на континентот со вакцини, како и скепсата кон вакцините.