Фирмите во приватниот сектор да ги прилагодат своите основни бизнис модели со тоа што ќе ги инкорпорираат стандардите за добро, еколошко, општествено и корпоративно управување е препораката што денеска беше упатена на годишната конференција на Обединетите нации „Финансирање на целите за одржлив развој во Северна Македонија”.
Марјан Петрески, професор на УАКС и економист во Finance Think во изјава за медиумите рече дека несомнено најзначаен дел за финансирање останува јавното финансирање во кое што доминантна компонента остануваат даночните приходи. Во таа смисла, како што нагласи, треба да размислуваме во насока на тоа како ќе ја прилагодиме даночната политика со цел да поддржи одржливо финансирање.
На денешната конференција, како што посочи Петрески, ја претставиле првата студија која што се однесува на одржливото финансирање во Северна Македонија која што треба да ја отвори дебатата за финансирање на целите за одржливиот развој.
– Уште поважна компонента е како прибраните буџетски средства ќе се трошат со цел да го поддржат одржливиот развој. Овде да напоменам дека Северна Македонија не е исклучок од глобалните трендови и веќе буџетските финансии инкорпорираат буџетски линии кои се однесуваат на зелено финансирање, енергетска ефикасност, понатаму капитални инвестиции, јавно приватни партнерства, во инвестиции за одржлив развој, рече Петрески, додавајќи дека дека и финансиските институции и приватниот сектор се клучни чинители во поддршка на одржливото финансирање и во инкорпорирање на стандардите за добро еколошко општествено и корпоративно управување.
Вели дека и во земјата постојат позитивни примери каде што банкарскиот сектор останува доминантен, меѓутоа, како што рече, со растечки удел, на пример зелено финансирање, поддршка на енергетски ефикасни проекти итн.
Прашан колкави финансиски средства планираат да се соберат за да се постигне целта Петрески рече дека дискутираат за вкупниот фонд на расположливо финансирање кој во студијата е проценет на околу 5,3 милијарди евра, односно тоа е близу 50 проценти од БДП.
– Се разбира, сега е потребен и понатамошен напор да видиме ние во колкава мера тие средства се усмерени за остварување на целите за одржлив развој на среден рок во рокот којшто го спомнувате да тежнееме што повеќе тој финансиски плик да биде насочен во остварување на одржливите цели, рече Петрески посочувајќи дека тоа е само за земјава и е годишен износ на Финансиски фонд кој е на располагање во целост.
Појасни дека тоа се средства кои доаѓаат од Буџетот, јавните претпријатија, од приватниот сектор. – Значи тука се финансиските институции, се разбира делот на позајмувањето и делот којшто значи меѓународно приватно финансирање. Значи, целиот тој контингент изнесува 5,3 милијарди евра на годишно ниво, но сега треба ние понатаму да анализираме во која мера тие средства се насочени кон одржливиот развој, додаде Петрески.
Глигор Бишев, извршен директор и претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје изјави дека финансирањето на одржливиот раст базиран на чиста околина, на општествено одговорни вградени политики во однесувањето на банките и компаниите е голем предизвик за финансискиот сектор.
– Финансискиот сектор и во изминатиот период и во иднина ќе учествува во финансирањето и поддршката на овие проекти. Гледано од тој аспект, денеска се проценува дека 20 до 25 проценти од вкупниот раст на новите кредити е усмерен во таа област. Ова учество се повеќе ќе се зголемува. Во банките од ЕУ овој процент е околу 30 до 45 проценти. И покрај сопствените средства со кои банките располагаат, исто така овде се кредитните линии од Зелениот фонд на Европа, исто така од Зелениот фонд за економска поддршка на Европската банка за обнова и развој. Досега овие средства ги користат четири банки. Тие се насочени кон подобрување на енергетската ефикасност, за помало загадување и заштеди на енергија и досега значителни средства од овие средства се насочени во компаниите и во населението, рече Бишев.
Росана Дуџиак, постојан координатор, Обединети нации дополни дека денеска истражуваат нови начини на кои земјата и различните партнери во заедницата – бизнисите од приватниот сектор, банките и Обединетите нации можат да работат заедно за да изнајдат иновативни начини за финансирање на одржливиот развој во земјата.
– Се надеваме дека оваа конференција денес ќе ги инспирира сите членови на општеството да изнајдат нови начини за поддршка на ова, рече Дуџиак.