Војвотката од Сасекс во четвртокот ја доби последната фаза во нејзината правна битка против издавачот на „Мејл он сандеј“ во врска со писмо што го испратила до својот татко.
Апелациониот суд во Лондон го отфрли обидот на Associated Newspapers да има судење во случајот „приватност и авторски права“. Обвинетите претходно поднесоа жалба на одлуката на судија од лондонскиот Висок суд, кој пресуди во корист на Меган во скратена постапка откако извадоци од писмото се појавија во весникот.
„Ова е победа не само за мене, туку и за секој кој некогаш се плашел да се залага и да се бори за она што е правилно“, рече таа откако ја слушна веста за одлуката на судот.
Во изјава по пресудата, војвоткта ги повика луѓето да бидат „доволно храбри да ја преобликуваат таблоидната индустрија која профитира од лагите и болката што ја создаваат“.
Меган, која поднесе граѓанска тужба против групацијата весници во 2019 година, рече: „Речиси три години откако започна ова, бев стрплива додека се соочував со измислици, заплашувања и пресметани напади.“
„Денес судот пресуди во моја корист –повторно потврдувајќи дека ‘Мејл он садеј’, во сопственост на лорд Џонатан Ротермер, го прекршил законот. Судовите го повикаа обвинетиот на одговорност и се надевам дека сите ќе почнеме да го правиме истото. Бидејќи колку и да изгледа далеку од вашиот личен живот, не е. Утре истото може и вам да ви се случи.“
„Од првиот ден, оваа тужба ја третирав како важна мерка за правилното наспроти погрешното. Обвинетите тоа го третираа како игра без правила. Колку подолго одолговлекуваа, толку повеќе можеа да ги извртуваат фактите и да манипулираат со јавноста (дури и во текот на жалбата), правејќи го случајот специфичен со цел да се генерираат повеќе наслови и да се продаваат повеќе весници – модел кој го наградува хаосот над вистината.
Од Associated Newspapers соопштија дека се разочарани и размислуваат за дополнителна жалба до Врховниот суд.