Последното шесто коло од групната фаза во фудбалската Лига на шампионите почнува денеска со осумте натпревари од групите од А до Д, а преостанатите осум се играат утревечер. Во натпреварите од четирите групи кои се играат вечерва останува да се реши само една дилема која ќе биде втората екипа од Б групата што ќе обезбеди место во нокаут-фазата од елитното клупско натпреаврување.
Ливерпул е сигурно прв во Б групата, додека за второто место конкурираат останатите три екипи Порто, Милан и Атлетико Мадрид. Математички комбинаторики има повеќе, но се зависи од исходите на терените.
Во А групата, Манчестер сити е сигурно прв, а ПСЖ втор, додека Лајпциг и Бриж ќе се борат за место кое носи продолжен престој на меѓународната сцена во Лигата на Европа. Во Ц и Д групите работата пред да се играат последите 90 минути си ја завршија Ајакс, Спортинг, Реал Мадрид и Интер. Тие напролет ќе бидат дел од нокаут-фазта во Лигата на шампионите, а Борусија Дортмунд и Шериф Тираспол ќе се преселат во Лига Европа. Реал и Интер вечерва ќе играат за престиж и за тоа кој ќе заврши како првопласиран во групата.
Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, чиј тим е во игра за ЛШ, за ЛЕ, а може и да го заврши натпреаврувањето на мешуанродната сцена порача дека неговиот тим ја научил лекцијата пред решавачкиот меч со Ливерпул. Во септември „росонерите“ загубија со 3-2 на „Енфилд“, иако на паузата имаат водство од 1-2. Сега на „Сан Сиро“ само победа ќе им даде шанса да се пласираат во следната фаза, но тоа ќе зависи и од исходот на натпреварот помеѓу Порто и Атлетико Мадрид. Ливерпул е сигурен на првата позиција во групата со максимални 15 бодови. Порто, Милан и Атлетико ќе треперат за својот меѓународен престој сезонава.
-Милан мора да биде силен вечерва. Се соочуваме со еден од најдобрите тимови во светот и еден од главните кандидати за освојување на Лигата на шампионите. Сепак, научивме многу од првиот меч со нив. Свесни сме за темпото и интензитетот со кој игра Ливерпул. Знаеме и како треба да играме за да ги држиме во чекор“, изјави Пиоли.
Двојки и табели
А група (18.45 ч.)
ПСЖ – Бриж, Лајпциг – Манчестер сити
Табела: Манчестер сити 12 бода, ПСЖ 8, Лајпциг 4, Бриж 4.
Б група (21 ч.)
Милан – Ливерпул, Порто – Атлетико Мадрид
Табела: Ливерпул 15 бода, Порто 5, Милан 4, Атлетико Мадрид 4.
Ц група (21 ч.)
Борусија Дортмунд – Бешикташ, Ајакс – Спортинг
Табела: Ајакс 15 биода, Спортинг 9, Борусија Дортмунд 6, Бешикташ 0.
Д група (21 ч.)
Реал Мадрид – Интер, Шахтјор – Шериф
Табела: Реал Мадрид 12 бода , Интер 10, Шериф 6, Шахтјор 1.