Динамо Загреб славеше над Вест Хем со 1-0 и со тоа си обезбеди европска пролет во Лигата на Европа.

Хрватскиот претставник се избори за голем триумф во Лондон и тоа благодарение на евроголот на Оршиќ на стартот на натпреварот. Овој триумф воедно беше искористен од „модрите“ да го замолкнат Никола Влашиќ кој во пресрет на овој дуел порачуваше дека ќе му биде драго на него и сите кои го поддржуваат Хајдук (клубот за кој играше во минатото) составот од Загреб да биде елиминиран од ЛЕ.
Овие зборови допреа до динамовци, па дел од играчите имаа што да му кажат на Влашиќ, а меѓу нив беше нашиот Стефан Ристовски кој се закачил со офанзивецот на Вест Хем.
– Јас лично не му замерив, треба само себеси да се гледае, затоа не сакам да се осврнувам на тоа што другите зборуваат. Тој и Ристовски се закачија, ама ништо сериозно. Мислам дека ова е убава победа и не треба да зборуваме за тоа. Се гледаме себеси и натпреварите кои ни претстојат. Овој тим е квалитетен, треба да се вратиме таму каде што бевме, – истакна стоперот Дино Периќ.