Екипите на Пелистер и Вардар одиграа 27:27 во големото ракометно дерби на Македонија.
По одличното прво полувреме на Вардар, и прекрасната хумана акција на Чкембари, ова ракометно дерби ги оправда сите очекувања.
Домашниот тим имаше негатива во текот на целата средба, за во последните минути да обезбеди и предност, но, при резултат 27:26, и напад за Пелистер, еден од играчите на Вардар ја пресече топката со што му обезбеди контра напад на Вардар, по кој од седум метри беше реализатор Тимур Дибиров.
На стартот од вториот дел, Пелистер тргна фуриозно и во првите неколку минути најпрвин намалија на 15:17, и иако имаа можност да донесат уште поголема неизвесност, сепак, Ристовски со две одбрани набрзина ги смири страстите а на спротивната страна Талески и Дибиров стрелаа (15:19).
Вардар ја стабилизираше играта и ја одржуваше предноста од четири погодоци, но Пелистер почна да покажува знаци на живот и дојде до 20:23 во 47-та минута.
Но, новите грешки на домаќинот ги чинеа ново зголемување на негативата и тоа преку Анте Гаџа и Талевски за 21:25.
Конечно, одбраната на домаќините почна да игра како што се очекуваше а по долго време дојдоа и на негатива на „минус“ еден во 55. минута кога со голот на Периќ резултатот на семафорот бешее 24:25. Домашниот налет, налет за кратко беше сопрен од неверојатниот Анте Гаџа кој беше нерешлива енигма за домашната одбрана (24:26). Пелистер дојде до првото израмнување и тоа на 26:26, а со голот на Стипе Мандалиниќ домаќините дојдоа до пресврт и водство од 27:26 во 59-та минута. Како што напоменавме, со голот на Дибиров, беа поставени конечните 27:27, а делбата на бодовите беше најреалниот исход.
Најефикасен играч на теренот беше одличниот Анте Гаџа кој што осум пати стрелаше во мрежата на Пелистер, додека херојот Дибиров даде четири гола.
Кај домаќините, пак, Мандалиниќ даде седум, додека Обрадовиќ шест гола.