(Видео) Расположените Џејмс и Вестбрук не го спасија ЛА Лејкерс од нов пораз

Во петте одиграни натпревари од најсилната кошаркарска лига на светот – НБА, вечерта ја одбележа новиот пораз на ЛА Лејкерс од  Феникс (90:108) во еден од последните мечеви на „езерџиите“ пред прекрстувањето на нивната сала „Стејплс центар“ во „Крипто.ком арена“. Леброн Џејмс и Расел Вестбрук заедно дадоа скоро две третини од поените на ЛА Лејкерс, но и тоа не беше доволно за да се прекине низата од порази. Леброн Џејмс постигна 34 поени, Расел Вестбрук додаде 22 со дабл-дабл учинок од уште 10 скока. Феникс предводен од Девин Букер брзо стигна до двоцифрена предност, која ја одржуваше, па пред крајот и до највисоките плус 22 (105:83).

Букер мечот го заврши со 24 поени, а Ајтон имаше дабл-дабл со 19 поени и 11 скока. Феникс е прв на Западот, а сега им следуваат четири врзани мечеви како домаќини.

Мајами хит имаше шутерско шоу во убедливата победата над Индијана од 125:96. Тајлер Хиро и Данкан Робинсон уфрлија по 26 поени. „Жешките“ погодија дури 22 тројки (од 49 обиди), што е изедначување на клупскиот рекорд.

Далас без Лука Дончиќ и само со деветмина кошаркари во составот успеа да ја победи Минесота со 114:102. Њу Орлеанс пеликанс за првпат сезонава има три победи по ред, нивна жртва синоќа беше Портланд, кого го совладаа со 111:97. Њујорк по еден месец пауза, конечно победи дома, и тоа против Детроит со 105:91.

 

Треба да знаете
Последни објави