Српската кошаркарска ѕвезда во најсилната лига на светот НБА, Никола Јокиќ кој го понесе признанието МВП за минатата сезона открива случаи од неговото детство. Тој не крие дека како дете додека растел постојано плачел поради својата фичичка конституција– низок и дебел! Таквиот раст било причина сега „џинот“ Јокиќ (2,11 м. висина и 129 кг. тежина) да рони солзи, но и да се посвети на себе да смени нешто.
Центарот на Денвер, Јокиќ (26 г.) раскажува дека физичката конституција од младоста и постојаните порази го туркале да биде сѐ подобар, па на крај сето тоа донело резултат, и сега тој е дел од најсилната кошаркарска лига, каде доминира под обрачите.
-Кога бев дете постојано плачев. Плачев зашто бев и низок и дебел. И тогаш имав повеќе порази, ама можеби тоа ме доведе тука во НБА. Мислам дека јас сум победник и тоа зашто сум голем борец, а имаше многу промашувања во кариерата, многупати бев виновен за поразите, ама да не беше сето тоа немаше да бидам таму каде што сум, вели Јокиќ.
МВП играчот додава дека за себе никогаш не смета дека е најдобар, и покрај што го има престижното индивидуално признание за минатата сезона. Само со таков пристап кон нештата тој смета дека може да игра подобро и подобро.
-Секогаш мислам дека противникот е подобар од мене. Имам самодоверба, ама немам таква дрскост да кажам – јас сум најдобар! Мислам дека вака, како некој постојано да ме брка, таа желба постојано да се борам со некој и дека не може да прифатам дека сум најдобар зашто тоа постојано мора да го докажувам, ме турка да бидам тоа што сум, додава Јокиќ за својот пат до славата.



