Филмот на Адам Мекеј, „Не гледај нагоре“ (Don’t Look Up) доаѓа спакуван со премиса типична за многу холивудски филмови за глобална природна катастрофа: џиновска комета се движи кон Земјата за да предизвика апокалиптично уништување.
Тоа е вид на заплет веќе виден во други вакви филмови од „Армагедон“ и „Длабок удар“ до неодамнешниот „Гренланд“ со Џерард Батлер.
Она што е поразлично од другите вакви филмови е дека Мекеј ова го претвори во сатира, онаа што го нагризува нашето време и особено одекнува во ерата на Ковид-19.
Научнофантастичен филм со Леонардо ди Каприо и Џенифер Лоренс во главните улоги, како двајца астрономи што се обидуваат, преку медиумите, да го предупредат човештвото за комета што ќе ја уништи Земјата, има ѕвезден кастинг.
Оскаровката Мерил Стрип е претседателка која заедно со својот син и шеф на кабинетот Џона Хил е смешно рамнодушна кон опасноста. Актерската екипа со ѕвезди од т.н. А-листа вклучува имиња како Тајлер Пери, Кејт Бланшет, Тимоти Шаламе, Роб Морган, Аријана Гранде, Скот Мескуди, Мајкл Чиклис, Мелани Лински, Крис Еванс и други.
Филмот имаше лимитирано прикажување во кината од 10 декември пред да се емитува на „Нетфликс“, почнувајќи од 24 декември.