Рекламата на норвешката поштенска служба Постен, во која Дедо Мраз се вљубува во маж, собра два милиони прегледи на Јутјуб во месецот од објавувањето.
Во четириминутниот филм, еден човек му пишува писмо на Дедо Мраз со порака: „Сè што сакам за Божиќ си ти“. И желбата му се исполнува.
Рекламата завршува со зборовите: „Во 2020 година Норвешка слави 50 години во кои можеме да сакаме кого сакаме“.
„ Сакавме да прославиме 50 години од укинувањето на законот за забрана на истополовите врски“, рече директорката за маркетинг на поштата, Моника Солберг. До 1972 година, хомосексуалноста во Норвешка беше кривично дело, но ставот се менуваше со текот на времето. Беа потребни уште 21 година за да се легализираат истополовите бракови.
„ Бевме изненадени од размерите на реакциите. Очекувавме реакција, но не толку“, рекле од норвешката пошта.
Насловот на рекламата е „Кога Хари го запозна Дедо Мраз“ („When Harry Met Santa“), што е асоцијација на популарниот филм „When Harry Met Sally“. Приказната ја прикажува нивната прва средба, кога еден човек случајно го затекнува дедото како му остава подароци, а потоа секоја година нетрпеливо чека повторно да го види.
Двојката се зближува и повеќе за време на кратките Божиќни состаноци, а во еден момент Хари се гледа како плаче по заминувањето на Дедо Мраз со реченицата „Ќе ми недостигаш“. Следната година му напиша писмо на Дедо Мраз со порака: „Сè што сакам за Божиќ си ти“.
Следната сцена го прикажува Хари како го чека Дедо Мраз покрај каминот кога одеднаш слуша ѕвонче. Подароците му ги доставува поштенската служба „Постен“. На враќање во дневната соба, го наоѓа Дедо Мраз како му вели: „Па, договорив помош оваа година… за да можам да бидам со тебе“, по што следи и бакнеж.