Вториот дел од бомбастичното интервју на Ромелу Лукаку за „Скај спортс“ долева масло на оган на ситуацијата во Челси, откако Белгиецот признава дека сакал да заврши во „врвните три клуба на светот“ Барселона, Реал Мадрид и Баерн Минхен, пред да се врати на „Стемфорд Бриџ“.
Првиот дел од интервјуто за италијанскиот „Скај“ во четвртокот предизвика вистинска бура, откако тој откри дека „не е среќен“ со ситуацијата во Челси, ниту со тактиката на менаџерот Томас Тухел и потврди дека би сакал во иднина да се врати во Интер и покрај рекордните 97.5 милиони фунти кои ги платија „Челси“ и петгодишниот договор со кој заработува 212.000 фунти неделно.
-Не сум секогаш задоволен од формацијата и начинот како играме, но тука е нашиот тренер Тухел да ги носи тие одлуки. Физички сум целосно подготвен и добро се чувствувам. Нема да се откажам, бидејќи сум професионалец и морам да ја вршам работата што ми е зададена, изјави Лукаку.
28-годишниот поранешен напаѓач на Евертон и Манчестер јунајтед, во интервјуто вели дека постојат само три „врвни клуба за кои сите сакаат да играат“, Барса, Реал и Баерн.
-Минатото лето отидов кај бордот на Интер и побарав нов договор. Им кажав:’Имам 28 години и планирам да живеам во Италија’. Но, Интер ми кажаа не. Можеби немаше економски можности и тоа беше тешко да се прифати. Има три клуба на врвно ниво – Барселона, Реал и Баерн. Сите фудбалери сонуваат да играат за нив, тоа е вистина и мислев дека ќе одам таму по Интер. Тоа не се случи и си кажав – има само еден друг клуб каде што можам да се замислам – Челси. Не размислував за тоа додека не дојдоа со понуда и тоа беше предизвик. Ме мачеше што во осум години не освоив титула од Премиерлигата, вели Лукаку.
Тухел денеска на прес-конференција истакна оти е изненаден од критиките на Лукаку.
-Секако дека тоа не ми се допаѓа. Носи бучава, која не ни е потребна и не ни е од помош. Мораме да ги увидиме работите такви какви што се, со цел да не се рефлектира неговото однесување на тренинзите, изјави Тухел на конференцијата за новинари пред неделниот натпревар против Ливерпул.
Лукаку ги разбесни и најверните навивачи на Интер, кај кои се обиде да се „исперe“ за трансферот, но не му успеа тоа.Curva Nord, најжестоките навивачи на Интер, денеска поставија транспарент пред Сан Сиро на кој пишува:
– Не е важно кој бега кога врне, важно кој ќе остане во невремето. Збогум, Ромелу!



