Турците на првиот ден од 2022 година ги шокираше поскапувањето на струјата и гасот, па на социјалните мрежи го изразуваат незадоволството.
Малку пред полноќ, односно пред Нова година, тамошните регулаторни власта ги објавија новите цени. А тие се – цената на електричната енергија за домаќинствата поскапува за 50%. За индустријата, пак, цената расте и до 125%, зависно од видот и големината на капацитетот.
Поскапел и природниот плин – за домаќинствата 25% а за индустријата 50%.
Куповната моќ на турските потрошувачи е во пад поради инфлацијата која порасна за повеќе од 21 отсто и падот на вредноста на турската лира по серијата кратења на каматите.
Во Истанбул, малопродажните цени се зголемија за речиси 35 отсто во декември во однос на претходната година, што е најмногу во последните години, соопшти Истанбулската стопанска комора.
Новите поскапувања дополнително ќе ја зголемат инфлацијата. Турската лира за една година ослабе речиси 45 отсто во однос на американскиот долар.



