Специјалниот пратеник на македонската влада за решавање на спорот меѓу властите во Скопје и Софија, Владо Бучковски, е убеден дека во наредните месеци Бугарија ќе ја укине блокадата за почеток на преговорите за членство во ЕУ, објави БГНЕС.
„Во 2021 година Бугарија немаше редовна влада цели 8 месеци. Во земјата имаше три парламентарни и едни претседателски избори. Тоа сериозно влијаеше на нашите напори да најдеме заемно прифатливо решение и да ја укинеме блокадата на нашиот пат кон ЕУ“, рече Бучковски.
Според него, „и покрај овие непредвидени околности, постигнат е напредок во градењето доверба меѓу двете земји“.
„Временската рамка за овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци, може да се скрати. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари. Во 2022 година очекувам да се постигне взаемно прифатливо решение со Бугарија. Решение кое ќе се заснова на меѓусебно почитување и ќе се одржува. Бугарската блокада ќе биде укината. Почетокот на преговорите со ЕУ конечно ќе биде реалност“, рече Бучковски.
Околу наводите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој истакна дека Кирил Петков не е храбар политичар, специјалниот пратеник вели дека не го прифаќа тој став на Мицкоски.
Според него, Петков зборува за општо прифатлива одлука, но не и за наметната одлука.
За промената на учебниците, Владо Бучковски вели дека тоа е задача на мешовитата историска комисија која мора да постигне договор за текстовите во учебниците.
„Нашето општество знае дека оваа комисија долго време успешно работи на координација на текстовите за учебниците по историја за основно образование и за Цар Самоил“, појасни Бучковски