Според денешните податоците на интернет страницата IQ AirVisual, индексот на загаденоста на воздухот во Сараево е 198, што го рангира меѓу четирите најзагадени градови во светот.
Прв на листата на најзагадени градови е Делхи во Индија со индекс на квалитет на воздухот 317, потоа Лахоре во Пакистан каде индексот на загаденост е 287, а трета е Дака во Бангладеш со индекс 208.
Сараево е четврти град на листата, а индексот на загаденост изнесува 198 и е зголемен во однос на вчерашните податоци кога изнесуваше 158, објави Кликс.ба.
Според овие податоци, главниот град на Босна и Херцеговина е во „црвената зона”, што значи дека воздухот е оценет како нездрав (индекс на квалитет 151-200).
Согласно тоа, Заводот за јавно здравство нагласува дека во вакви ситуации се препорачува за сите категории на население да престанат со напрегања и рекреативни активности, особено наутро и навечер, кога загадувачите подолго се задржуваат во атмосферата.
Доколку луѓето планираат да излезат надвор, се препорачува да се носи маска за лице со заштитни респираторни филтри.
Најзагрозени категории на население се бремените жени, старите лица и децата, како и лицата со респираторни и срцеви проблеми кои треба да останат во затворени простории.