Страшна трагедија го зави во црно островот Корчула. Денеска половина час по полноќ тројца млади момчиња загинаа во сообраќајна несреќа на патот меѓу Блато и Вела Лука. Најмладиот од нив имал 19 години.
Тие удриле во бор, а од силината на ударот автомобилот „голф 3“ се преполовил. Делови од возилото и денеска се расфрлени околу местото на несреќата. Моторот одлетал околу 50 метри од борот.
Автомобилот го управувал 19-годишник, а во возилото како сопатници се наоѓале уште две млади момчиња на возраст од 22 и 24 години.
Тројцата загинати се од Смоквица, двајца биле пожарникари, еден играл во фудбалскиот клуб Јадран Смоквица. Најмладиот работел како автомеханичар во работилница во местото, 22-годишниот учел во Дубровник, додека најстариот од нив бил морнар.
Повредените млади момчиња биле излезени да се забавуваат. По затворањето на локалот во Блато на полноќ, решиле да се упатат кон викендичка во Вела Лука. Станува збор за група од 10-тина, кои со три автомобили тргнале кон дестинацијата. Двајца возачи решиле да тргнат по заобиколница и да возат полека за да ја избегнат полицијата на главниот пат бидејќи малку испиле. Младиот возач на „голфот“ тргнал по глабниот пат, но поради пребрзо возење изгубил контрола над возилото и удрил во дрво. На патот немало траги на кочење.