Македонскиот осигурителен пазар не е имун на дигитализацијата, иако бавно доаѓа

Поплави, земјотреси, сообраќајни незгоди, финансиски загуби, безброј опасности демнеат околу нас. Осигурувањето како еден механизам што нè заштитува од ваквите непредвидливи ситуации, секојдневно доживува промени стимулирани од технолошките развитоци. За важноста, придобивките, ризиците врз осигурителната индустрија како резултат на технолошките развитоци, како и за тоа дали осигурувањето кај нас ја има потребната стабилност да го следи трендот на развојот на технологијата, разговаравме со професорот и експерт во областа на осигурителната индустрија Климе Попоски.

Попоски во интервју за МИА меѓу другото истакна дека без осигурувањето, многу аспекти на модерните општества не би можеле да функционираат бидејќи, како што вели, ризиците за поединецот или бизнисот едноставно би биле преголеми.

Зошто се важни осигурителните полиси?

– Осигурувањето има витална улога, како во заштитата на бизнисот така и на луѓето, и во отклучување на економскиот потенцијал. Во текот на нашите животи се соочуваме со купување дом и автомобил, изнаоѓање и промена на работа, планирање патување, започнување бизнис или основање семејство. Овие важни и возбудливи настани може да имаат ризици, кои со себе носат потенцијални финансиски загуби.

Осигурувањето работи со здружување на загубите на малкумина за да се распределат меѓу многуте.

Кои најзначајни промени во изминативе години во полето на осигурувањето ги поттикнаа дигиталните технологии?

– Дигитализацијата се претставува како „четврта индустриска револуција”, која брзо ги трансформира општествата и економиите. Брзината и обемот на промените се без преседан. Дигитализацијата силно влијае речиси врз секоја индустрија, во секоја земја, вклучувајќи ја и осигурителната индустрија.

Брзи промени се случуваат низ сите процеси на синџирот на вредности на осигурителната индустрија: од креирање продукти, преземање ризици и одредување цени, маркетинг и дистрибуција, до обработката на штети и управување на односите со клиентите и давање кориснички совети за превенција од случувања на ризични настани. Примери за дигитализација се различни: мобилни уреди, машинско учење и вештачка интелигенција, компаратори, роботи советници, бизнис-модели засновани на peer-to-peer и многу други.

Употребата на податоци од извори како што се телематиката и мобилни инструменти им овозможуваат на осигурителите да дизајнираат и да одредат цени на производи врз основа на прецизни и точни информации за ризиците што ги преземаат. На пример, во осигурувањето моторни возила, телематиката користи апликации што се потпираат на сензорите на паметни телефони и GPS-сигнал. Друштвата за осигурување добиваат податоци за користењето на возилото, преку која можат да ги идентификуваат гранулираните навики за возење, како поминато растојание, сопирања, број на патувања, дестинации. Овие податоци им овозможуваат на осигурителите да воспостават персонализирана премија на осигурување за индивидуален клиент, како и податоци што би се користеле во случај на потврдување и решавање штетен настан.

Понатаму, развојот на вештачката интелигенција и машинско учење овозможува обезбедување автоматски совети и полесно откривање осигурителни измами. Веб-страниците за споредување можат да им помогнат на потрошувачите со повеќе информации во изборот на осигурителено покритие, и може да го олеснат разбирањето на производите.

Дали осигурувањето на глобално ниво ја има потребната стабилност да го следи трендот на развојот на технологијата?

– Додека дигитализацијата има потенцијал да им користи на осигурениците, може да креира ризици со што ќе влијае на нивниот фер третман и притоа да бидат во спротивност на регулаторните барања за пазарното однесување на осигурителните субјекти. Така на пример, постојат ризици од намален контакт лице в лице, недоволно разбирање од страна на осигуреникот за производот или услугата и за самиот давател на услуги, ризици во безбедноста и потенцијална злоупотреба на зголемените количини на податоци за осигурениците.

Собирањето податоци за осигурениците може да овозможи грануларна категоризација на ризиците, која потенцијално може да влијае врз основниот принцип на кој се заснова осигурувањето, а тоа е здружување на ризици и може да го доведе до прашање достапноста на одредени осигурителни производи до клиенти, дури и да доведе до исклучување. Со цел да се обезбеди стабилност, регулаторните и супервизорски тела ќе треба внимателно да ги следат однесувањата на потрошувачите, за да осигураат дека режимите на надзор продолжуваат да ги олеснуваат бенефитите за осигурениците како последица од технологијата и иновациите.

Ако погледнеме 10 години нанапред, факт е дека технологијата ќе донесе големи промени, а со тоа ќе се промени начинот на комуникација во која информациите до вработените ќе пристигнуваат на поинаков начин. Тоа значи ќе бидат потребни нови вештини кај вработените, кои ќе ја „принудат” организацијата да биде поориентирана. Кој е вашиот совет во однос на ова?

– Развојот на технологијата влијае на целосната трансформација на осигурителната индустрија и поради промената на однесувањето на клиентите кои стануваат сè попребирливи. Искуствата на потрошувачите со висококвалитетните интерфејси како оние од „Амазон”, „Гугл” и други водечки апликации ги подигнуваат очекувањата во дигиталните интеракции. За да управува со овие ризици и трендови и за да се оптимизира вредноста на новите технологии, на осигурителната индустријата ѝ е потребна инфузија на технички вештини, надополнети со помеки вештини во области, како што се ангажман на клиентите и емпатија. Идната работна сила ќе биде хибрид помеѓу човечки фактор и елементи на интелигентна автоматизација и појава на нови улоги и раководни позиции „Behavioral scientist”, „Customer Experience officer”, „Employee Experience Officer”, „Data and Actuarial Officer”.

Дали осигурувањето кај нас „трпи” одредени уназадувања, со оглед на тоа дека не сме во чекор со развиените земји кога станува збор за технолошките напредоци?

– Македонскиот осигурителен пазар не е имун на дигитализацијата, иако бавно доаѓа. Ниската пенетрација на осигурувањето, конзервативните бизнис-модели, доминација на мануелни операции, високо ниво на ангажиран човечки фактор, сѐ уште ниско ниво на консумирање на останатите финансиски услуги (банкарството, платниот промет), на дигитален начин претставуваат ограничувачки фактори. Од друга страна, доминацијата на странски осигурителни групации чии мајки компании имплементираат напредни дигитални решенија, надминување регулаторни бариери, како на пример, согласност од страна на МВР да се прифатат полиси за АО во електронска форма при обнова на регистрација на возила, како и спремноста за инвестирање во напредни технолошки решенија од страна на друштвата за осигурување и посредниците (како резултат на спроведена анкета) претставуваат движечки фактори.

Важна е улогата и проактивност на регулаторните тела. Агенцијата за супервизија на осигурувањето беше меѓу првите осигурителни регулатори во регионот што организираше хакатон, startup pitch сесија и Insurtech конференција. Поддржува и активно координира активности со останати институции во насока на надминување регулаторни бариери за отворање врата на дигитални решенија, вклучувајќи го и учеството во создавањето на Портата на иновации со Народната банка на Северна Македонија.

Како ја гледате иднината на осигурителната индустрија кај нас за 20 – 30 години отсега?

– За споредба, стапката на пенетрација и густина на осигурувањето со што се мери нивото на развој на осигурувањето во нашата земја изнесува 1,52 проценти (сооднос помеѓу премија и бруто-домашен производ) и 79 евра (просечна потрошувачка на осигурување по глава на жител). Во ЕУ овие податоци изнесуваат 6,9 проценти и 2.059 евра по глава на жител, додека во земјите во развој 2,6 проценти и 82 евра по глава на жител. Од денешна перспектива, доколку се изработи стратегија за развој, која во себе ќе вклучува политики, акциски планови и регулаторни акции, можеме за релативно кратко време да го достигнеме просекот на земјите во развој, а на долг рок за период од 20 години да се приближиме до просекот на ЕУ.

 

Предизвиците од климатските промени, достигнување на милиниумските цели за одржливост на Обединетите нации, цикличната појава на системски ризици во економијата и финансискиот сектор, нараснатите здравствени ризици, долговечноста на населението, ризиците од одговорност, појава на досега непознати ризици како киберризиците, финансиска инклузивност и финансиската писменост, наметнуваат потреба од итен дијалог и соработка помеѓу државата и осигурителната индустрија. Меѓународните искуства за подинамичен развој на осигурителниот сектор покажале дека клучот на успехот е во механизмите на јавно-приватно партнерство, поволен регулаторен амбиент и поголемо препознавање на носителите на државни политики за предностите и придобивките од осигурувањето.

Треба да знаете
Последни објави