Цените на нафтата денеска паднаа под 78 долари на меѓународните пазари, бидејќи водечките производители се подготвуваат да ги зголемат залихите во услови на зголемена загриженост дека нова варијанта на коронавирусот може да ја намали побарувачката во новата година.
На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 42 центи во однос на претходното затворање, на 77,36 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 52 центи пониско, по 74,69 долари.
На првиот работен ден од новата година, трговците се фокусираа на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници на кој ќе се разговара за производната политика.
ОПЕК + на состанокот закажан за утре ќе потврди зголемување на понудата од 400.000 барели дневно во февруари, велат извори и додаваат дека техничкиот комитет на групата во извештајот објавен вчера изјавил дека омикрон не би требало значително да влијае на побарувачката на нафта.
Ширењето на омикрон донесе рекорден број заразени и ги задуши новогодишните прослави ширум светот, а само вчера беа откажани повеќе од 4.000 летови.
Расположението на пазарот се промени за неколку часа, бидејќи првиот работен ден од новата година, според аналитичарите, започнал оптимистички.
– Стапките на зараза растат ширум светот, неколку земји воведуваат рестрикции, секторот на воздушниот транспорт, меѓу другите, страда, но оптимизмот на инвеститорите речиси може да се почувствува, рече Тамас Варга од PVM.
– Се чини дека доминантната варијанта на коронавирусот носи помалку сериозни симптоми од неговите претходници, што би можело да ни помогне успешно да го надминеме четвртиот бран на пандемијата, додаде Варга.
Тој, сепак, предупреди дека патот до „победа” над вирусот нема да биде ниту рамен, ниту сигурен.