На патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци, на 10 километри пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На местото е поставена соодветна сообраќајна сигнализација, а на учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно возење.
Како што соопшти Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), на патниот правец А2 Струга – Ќафасан, од бензинската пумпа „ОКТА” до излез на село Франгово, кај месноста Добра вода, поради оштетувања на коловозот брзината се ограничува на 40 километри на час.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.